По триумфот во „езерскиот двобој“ против Струга, ракометарите на Охрид го совладаа и составот на Бурса Нилуфер од Турција со 38-28 и со шест бода го освоија првото место во групата на Струшкиот турнир.
Тоа значи дека победничко деби имаше новиот стратег Борис Ројевиќ, кој в сабота од 20:40 часот ќе има можност да се бори за првиот трофеј со „гладијаторите“. Ривал во битката за трофејот на Охрид ќе му биде или Бутел Скопје или Тиквеш, па јасно е дека ќе има македонско финале.
Почетокот на мечот беше израмнет, 5-5, потоа момците на Ројевиќ започнаа да ја градат предноста. Иванковиќ, Јотиќ, Ѓукиќ…донесоа плус три, а по дваесетина минути беше 13-8, па се вклучи алармот кај предводничката на Бурса, Куртулуш, која повика минута одмор.





Охрид – Бурса
Сепак многу не се смени во продолжение, иако Бурса знаеше да се закани одвреме-навреме, преку Билим, Шешиќ…и на пауза се замина со 16-13. Во вториот дел Охрид одново врати на плус пет, 19-14, но турската екипа казни со брзи погодоци неколку грешки на охриѓани и 19-17 беше резултатот по 40 минута игра.
Ројевиќ побара тајм-аут, а Турците добија шанса и за минус еден, но Чаневски запре пенал и Охрид се одлепи на 20-17. Тоа беше клучниот момент во кој „гладијаторите“ го скршија отпорот на Бурса и до крајот практично се играше само рутински.
Турците пробаа со „седум на шест“ варијанта, но ниту тоа не им донесе некој особен успех и до крајот Охрид само ја полнеше нивната мрежа со лесни погодоци за висок триумф и пласман во финалето.
Ѓокај Билим од Бурса даде десет гола, додека голманите на турскиот тим Емре и Берекет со 14 интервенции, од кои три пенали. Во составот на Охрид, Ојлески постигна шест погодоци, пет даде Лиапис, а четири пати погодија Иванковиќ и Стрмљан, додека Чаневски запиша осум одбрани.