Организаторите на Струшкиот турнир ги започнаа подготовките за 53. издание на традиционалниот турнир, еден од најстарите во Европа.
Потврдени се и официјалните лица на турнирот – судиите и делегатите што ќе работат на деветте натпревари покрај езерото.
Меѓу нив се судиите со ЕХФ значка Димитар Митревски/Благојче Тодоровски и Методија Илиевски/Михајло Илиевски, како и Виктор Андонов/Стојанче Јовановски.
Делегати на натпреварите во Струга ќе бидат Камер Металари, Душко Камишевски, Славчо Каланоски и Марјан Огњановски.
Оваа година на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ ќе играат шест екипи – четири македонски и две странски.
Покрај домаќинот Струга, честа на Македонија ќе ја бранат Тиквеш, Бутел Скопје и големиот ривал на стружани – Охрид. Дополнително екипите на Бурса од Турција и Раднички Крагујевац од Србија ќе го збогатат новото издание на Струшкиот турнир.
Натпреварите ќе се играат од 13 до 16 август.