Како најдолговечен ракометн турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.
По двете учества на турнирот во Струга како тренер и едно како играч, за Кристијан Грчевски годинава настапот ќе биде со нова екипа, на клупата на Тиквеш од Кавадарци.
Со големи промени во тимот, со речиси комплетна реконструкција кавадарчани имаат малку време за воигрување пред почетокот на сезоната каде повторно имаат цел да бидат во плеј-офот, но и да минат коло во европските купови. Настапот во Струга ќе им дојде како прв тест.
„Од сезонава сме релативно нова и млада екипа која носи нова енергија и се надевам дека турнирот во Струга ќе ни биде од големо значење за да се уиграме што повеќе, како на тактички така и на технички план. Се надевам дека сите ракометари ќе добијат шанса, и дека ќе ми остават простор да планирам на поголем дел од играчите за текот на целата сезона. Турнирот е меѓу најстарите на Балканот и се надевам дека така ќе остане и во следните години. Треба да се поддржи ваков настан на сите можни начини, на државно ниво, и да стане нешто по што Македонија ќе биде препознатлива низ Европа“, смета Грчевски.
Од шесте екипи кои годинава ќе играат во Струга, за многумина посилна група е токму онаа каде е Тиквеш. Таму се уште и Раднички Крагуевац и Бутел Скопје. Првиот ден Тиквеш е слободен, а потоа ќе игра три меча по ред.
„Не би можел точно да предвидам што да очекуваме од гостите од Србија, но за Бутел веќе знаеме што значи меѓусебниот дуел, и дека натпреварите со нив секогаш се интересни. Повторно ќе кажам, ова е подготвителен период и најважно е да останеме во добра форма и без повреди. Сепак, првенството е она за што сите се подготвуваме. Бутел се засили навистина квалитетно на речиси сите позиции и сметам дека оваа година ќе бидат многу посилни и поконкурентни“, смета Грчевски.
На турнирите шанса за играње добиваат сите, бидејќи тренерите мора да ја видат формата на играчите и да знаат од кого што може да очекуваат.
„Се надевам дека до почетокот на турнирот сите ќе бидеме здрави и дека ќе настапат сите. Шанса ќе добијат и помладите играчи, затоа што сепак иднината е во младите и потребно е да се изгради играч кој ќе биде носител на играта на Кавадарци во наредните години“, вели Грчевски.
Иако е турнир, секој трофеј значи и голема сатисфакција. А фаворит, барем пред почетокот на турнирот е Охрид.
„Можеби фаворит е Охрид, кој навистина вложува многу во последниве години. Сè уште немаат големи резултати, но се надевам дека оваа година се веќе зрели за тоа. Сметам дека и во првенството ќе бидат конкуренти за титула или за едно од првите три места на табелата. Сè друго, според мене, би било неуспех за екипа која навистина располага со квалитет и квантитет“, вели Грчевски.
Со Струга почнува периодот во кој Тиквеш сака да ја воигра екипата, бидејќи особено важно ќе им биде првенството на Македонија.
„Ќе биде потребно време да се уиграме, да дојдеме до посакуваното ниво, но се надевам дека со добра работа, со посветеност и со желба за успех ќе избориме пласман во плеј-офот и оваа година. Времето ќе покаже дали сме или не сме за плеј-оф. Тиквеш секогаш цели кон плеј-офот и досега успеваше во тоа – се надевам дека и годинава ќе го оствариме тоа за што вредно и чесно работиме“, вели Грчевски.
рТИКВЕШ – сезона 2025/2026
Дојдоа: Богдан Мијушковиќ (Струга), Василије Печурица (Еурофарм Пелистер), Александар Симоновски (Аеродром), Гиорги Гришикашвили (Пегаси Тбилиси), Мохамед Ахмед (Замалек), Томче Стојановски (Вардар), Аугусто Аранда (Весул), Благој Панов (Младост Богданци), Блашко Бакев (младинци), Димитриј Ангелов (младинци), Мартин Тодоров (младинци), Петар Цветковски (Радовиш).
Заминаа: Даниел Андоновски (Младост Богданци), Игор Арсиќ (ПАОК), Евгениј Темелкоски (ПАОК), Јован Даневски (Еурофарм Пелистер 2), Славчо Шулески (Еурофарм Пелистер 2), Ани Обина (Бијер), Игор Кривокапиќ (Будванска Ривиера), Спасоје Гачевиќ ?, Дарио Кофилоски ?, Кристијан Анастасовски (Вардар), Никола Летиќ ?, Борче Соколов (крај на кариера).
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“
14 август: Тиквеш – Раднички Крагуевац
15 август: Тиквеш – Бутел
16 август: меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…