СТРУГА 2025: Дали знаете кои ракометни ѕвезди играле на Струшкиот турнир?

Како најдолговечен ракометен турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.

Од 13 до 16 август на отвореното „Горан Попоски Бабец“ покрај Женската плажа во Струга ќе се одржи 53.издание на Струшкиот турнир. Покрај домаќинот, од македонските клубови тука се Охрид, Тиквеш и Бутел Скопје, додека од странските во Струга ќе играат турската Бурса и српскиот Раднички Крагуевац.

Со традицијата започната во 1973 година, која трае до ден денес, во Струга играле врвни ракометни клубови и ракометари.

Тоа се некогашните европски прваци Металопластика Шабац, Динамо Букурешт, Борац Бања Лука, Вардар и Целје, потоа екипи како ПИК Сегед (кој тогаш го носеше името Волан Сегед), своевремено силната екипа Славија Прага, Бањик Карвина, па ПСЖ, а во поново време француските Тулуз, Кретеј и Шарт, потоа шведскиот Алингсас, романската Констанца, турскиот Бешикташ…

На отвореното игралиште гледачите имале можност да ги видат Мирко Башиќ, Миле Исаковиќ, Веселин Вујовиќ, Веселин Вуковиќ, Момир Рниќ, Златко Портнер, Роландо Пушник, Боро Чурлевски, Eлиодор Воика, Пепи Манасков, Кире Лазаров, Стевче Алушовски, Наумче Мојсовски, Арпад Штербик…и уште многу познати македонски и странски ракометари кои се уште се активни на ракометните терени.

 

❗❗  Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракометдобивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…