СТРУГА 2024: Вардар не виде мака – го наполни голот на Гуиф!

Ракометарите на Вардар го совладаа шведскиот Ескилстуна Гуиф со 31-18 во второто коло од групите на Струшкиот турнир и обезбедија место во финалниот натпревар, каде што ќе го бранат трофејот освоен лани. Противник на вардарци ќе биде победникот од дуелот меѓу ПАОК Солун и Еурофарм Пелистер.

Швеѓаните поведоа на стартот со 2-0, но Вардар набрзина воспостави рамнотежа успеа да израмни. Kaко одминуваше времето, така „црвено-црните“ полека ја преземаа контролата на теренот.

Гогов влезе во серија одбрани, беа постигнати лесни погодоци преку Јагуриновски, Петриќ, Ќосевски… и актуелниот освојувач на трофејот во Струга се одлепи на плус пет, 10-5.

Тренерот на Гуиф, Зоран Рогановиќ, кој е екс ракометар на Вардар, побара тајм-аут, но ниту тоа не им помогна на неговите избраници. Македонскиот вицепрвак отиде на плус три, 13-6 на пет минути до паузата. До крајот Гогов одбрани и пенал, потоа и зицер, а потоа уште по еден гол на двете страни за 14-7 по крајот на првиот дел.

За пет минути во второто полувреме, Вардар реализираше уште три пати, веќе отиде на плус десет, 17-7 и немаше дилеми околу победникот на овој натпревар. Тренерот Недановски можеше да комбинира со составот, да им даде шанса на сите ракометари, но и да сочува дел до силите за утрешното финале.

Торпедираше Горига, погодуваше и Георгиевски, добро бранеше и Еспиња, па „црвено-црните“ не им дадоа ниту малку надеж на Швеѓаните за некаков камбек. Најдобри стрелци во вардаровиот тим беа Маргели со седум гола и Ќосевски со пет, додека Коиј даде четири. Двајцата голмани, Гогов и Еспиња собраа 11 одбрани.