СТРУГА 2024: Симиќ – Целите на Тиквеш секогаш се високи

Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Тимот од Кавадарци што повеќе не постои, ВВ Тиквеш, се наоѓа на листата на освојувачи на трофеите од Струшкиот турнир, а Тиквеш предводен од средниот бек Страхиња Симиќ ќе се обиде да им помати сметките на првите фаворити на 52. издание.

Српскиот плејмејкер вели дека е настапот на Струшкиот турнир ќе биде добра шанса да се видат моменталните можности на екипата.

„Турнирот во Струга е голем и традиционален турнир, кој се игра во вистинско време за да ги видиме нашите моментални можности против сериозни ривали. Минатите неколку недели се посветивме на физичката подготвеност и очекувам да изгледаме се подобро бидејќи сме на почетокот, а секако ќе одиме на секој натпревар на победа. Имаме сериозни ривали пред нас, па ниту еден натпревар нема да биде лесен, а тоа говори за квалитетот на турнирот“, вели Симиќ.

Кавадаречкиот клуб ќе настапи комплетен во Струга, а ќе играат и новите засилувања.

„Ќе бидеме комплетни на турнирот, а ова ќе биде мој втор настап со Тиквеш на овој традиционален турнир, на кој е чест да се настапува бидејќи е меѓу најпознатите на Балканот“, продолжи Симиќ.

Србинот смета дека Вардар и Еурофарм Пелистер се првите фаворити за трофеј, а ги откри и целите на Тиквеш во новата сезона.

„Секој ривал е добар, но исто така со секој ривал може да играме и се надевам на што подобар пласман и борба за првото место во групата. Најдобрите македонски клубови Вардар и Еурофарм Пелистер, се главните фаворити, како секогаш на овој турнир, па така и сега се во првиот ред. Целта на Тиквеш секоја сезона е висока, целиме да бидеме што подобри, ростерот е малку променет, донесени се добри засилувања. Посакуваме да бидеме во ТОП 4 во првенството, да го повториме пласманот на Ф4 во Купот на Македонија и во Европа да направиме чекор напред и да стигнеме што подалеку“, заврши Симиќ.

ТИКВЕШ

заминаа: Мирко Мајиќ (крај на кариера), Никола Стефановиќ (Рибница), Јанко Гемаљевиќ (Раднички Крагујевац), Раде Стојановиќ (тренер, Тримо Требње)

дојдоа: Мартин Димовски (Алкалоид), Дарио Кофилоски (Алкалоид), Данило Осадчиј (Уеска), Игор Арсиќ (АЕК Атина), Драган Марковиќ (тренер, Динамо Панчево)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

14/8, 20:40, ВАРДАР – ТИКВЕШ
15/8, 20:40, ТИКВЕШ – ГУИФ
17/8, за пласман

Дознајте ги сите новости поврзани со 52. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.

,
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…