Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер со убедлив триумф против ПАОК Солун со 36-20, се загреа за финалето на Струшкиот турнир против актуелниот бранител на трофејот, Вардар. „Црвено-црните“ се најтрофејни со 14 трофеи покрај езерото, па пелистерци во утрешното финале ќе имаат шанса да се израмнат со големиот ривал
Неизвеснота траеше само неколку минути, потоа битолчани си го фатија редот. Погодуваа Кузманоски, Радивојевиќ, па и Абутовиќ, а предноста растеше од минута во минута и на пауза беше 13 гола.
Грците, кои делуваа незаинтересирано на теренот, не беа успешни во нападите и постигнаа само шест гола во првиот дел. За разлика од нив, битолчани, кои патем го немаа во ростерот капитенот Кузмановски, дадоа 19 погодоци.
На стартот на второто полувреме Ивиќ имаше серија одбрани, казнуваа Ѓорговски и Радивојевиќ, а тренерот на пелистерци, Бранко Ангеловски, им даде шанса на Мијушковиќ и Печурица, кои дојдоа од вториот тим.
Грците продолжија со грешките, безидејноста и незаинтересираноста, па сите го чекаа крајот на натпреварот. Еурофарм Пелистер поведе и со 18 гола разлика, стратегот на ПАОК побара втор тајм-аут, но немаше никакви промени на односот на силите.
Најдобри стрелци во македонскиот првак беа Радивојевиќ со девет гола од девет обиди и Кузманоски со шест погодоци од шест обиди, додека голманот Ивиќ запиша девет интервенции. Во финалето Еурофарм Пелистер ќе игра против Вардар, утревечер од 21:00 часот.