СТРУГА 2024: Бранителот на титулата со рутински триумф за старт

Ланскиот освојувач на трофејот во Струга, Вардар, со победа го отвори настапот на Струшкиот турнир, откако славеше против Тиквеш со 34-27. Победникот беше најавен по првото полуреме кое Вардар го доби со 15-11. Одлична партија имаа голманите Еспиња и Арсиќ во првото полувреме, но повеќе реализаторски расположени беа вардарци.

Двете екипи тргнаа во мечот со по неколку врзани промашувања, и по пет минути беше само 1-0 за Вардар. Потоа си го фатија редот избраниците на Владо Недановски и полека ја градеа предноста, која беше и пет гола, но на пауза се замина со четири.

Се разгори битката во вториот дел, Тиквеш заигра подобро, а и Арсиќ имаше добри интервенции. Грешките на Вардар беа казнувани од Анастасовски и Даневски и кавадарчани се вратија на минус два, 24-22.

Но кога најмногу требаше за комплетен камбек во натпреварот, почнаа проблемите во нападот на момците на Драган Марковиќ и Вардар отиде на плус шест, 28-22. Немаше многу дилеми во последните десетина минути и „црвено-црните“ рутински го довршија мечот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Јагуриновски со шест гола, а Коиј и Срдановиќ дадоа по пет гола, додека голманот Еспиња запиша десет интервенции. Кај Тиквеш, Манасков имаше шест погодоци, а голманот Арсиќ имаше десет одбрани.