Стрмљан: Со голема борба и помош од навивачите до нова победа над Олимпијакос

Ракометарите на Охрид се на добар пат да го остварат најголемиот клупски успех на меѓународна сцена.

Охриѓани славеа на првата четвртфинална пресметка со Олимпијакос со 31-26 и сега имаат голема предност пред реваншот на домашен терен.

Средниот бек Тилен Стрмљан ги сподели очекувањата од овој дуел за кој се очекува СРЦ „Билјанини Извори“ да биде исполнет до последното место.

„Сигурно дека не очекува уште еден тежок натпревар. Знаеме каква екипа е Олимпијакос, какви шутери има во својот тим. Нам ни преостанува што подобро да се подготвиме. Петте гола предност не значат ништо, во ракометот може многу лесно да се анулираат. Со максимална ангажираност и голема борба да дојдеме до уште една победа. Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број и да бидат нашиот осми играч“, изјави Стрмљан.

Реванш натпреварот меѓу Охрид и Олимпијакос се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот.