Охрид гради одличен состав, а доказ за амбициозноста на проектот на раководството се многуте ракометари што Бундес и Асобал лигата ги заменија со Македонија и Супер лигата.
Еден од ракометарите што треба да биде меѓу лидерите на тимот на Борис Ројевиќ е средниот бек Тилен Стрмљан.
Словенецот дојде во Охрид по настапите во бундеслигашот Хановер, а во разговор за 24Ракомет ги сподели првите импресии по пристигнувањето во „балканскиот Ерусалим“.
„Одлуката за приклучувањето на Охрид не беше тешка. Сите знаеме дека ракометот е спорт број еден во Македонија, а исто и во Охрид. Кога ми го претставија проектот, каква ќе биде екипата, дека клубот ќе го предводи Борис Ројевиќ и дека се посакува титула во следните години, не требаше многу да размислувам“, вели Стрмљан.
Во Охрид има многу интернационалци од различни земји, но доминираат Балканците.
„Комуницираме на македонски и српски јазик. Со некои од играчите на англиски, но може да чуете и шпански“, вели Словенецот.
Во првата сезона овој проект нема поставено највисоки цели, титула или трофеј, но секако дека е кадарен да се вмеша во битката за македонските трофеи, како и во ЕХФ Европскиот Куп.
„Нема да брзаме никаде, секако дека имаме свои цели, мислам дека секој спортист го сака тоа и затоа тренира за да биде најдобар, а не да губи. Ќе работиме, ќе одиме чекор по чекор и на крајот на сезоната ќе подвлечеме линија и ќе видиме што сме оствариле“, продолжи Стрмљан.
Тој беше дел од Хановер претходните две сезони, но вели дека адаптацијата во Охрид била полесна.
„Адаптацијата е многу полесна отколку во Германија, не само поради јазикот, но и поради тоа што голем број од соиграчите ги познавам од претходно. Секако дека ми недостига моето семејство и пријателите, но полесно бидејќи со мене во Охрид е мојата сопруга Нежа“.
Словенецот се уште ги нема видено сите убавини на Охрид.
„Во моментов немаме многу време бидејќи сме во подготвителен период и ја гледаме само салата. Кога имаме слободно, одам во центарот на градот, каде уживам во кафето и во убавиот поглед на езерото. Во иднина, сигурно ќе биде повеќе време за подобро да ги запознаам убавините на Охрид“, заврши Стрмљан.
Охриѓани првите контроли ќе ги имаат на турнирот во Струга, а потоа ќе бидат дел и од домашниот турнир „Крсте Андоновски“.