Стојановиќ прозиваше, младинците на два теста в четврток и петок

Машката младинска репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир по осум месеци од настапот летоска на ЕП во Словенија и ги почна подготовките за СП 2025 со настап на мини-турнир во Полска.

Квартетот Галевски, Петковски, Карасманакис и Митев се со сениорската репрезентација, па шанса ќе добијат неколку нови ракометари. Нема да играат ниту повредените бекови Томислав Димковски, Славчо Шулески и Кристијан Стаменковиќ.

Меѓу ново повиканите се Андреј Глигоров, кој претходно беше во потесниот круг за настап на ЕП, а Стојановиќ ќе смета и на левото крило Давид Трајкоски, средниот бек Ѓорѓе Ѓуриќ и голманот на кадетската репрезентација, Ѓорѓи Николовски.

Селекторот Раде Стојановиќ дополнително го повика бекот на Струга, Немања Џигероски.

Во градот Олецко, на 13 март ќе играат Полска и Македонија, на 14 март е пресметката меѓу нашата селекција и Алжир, додека на 15 ќе играат домаќинот и африканската репрезентација.

Овие два меча се дел од подготовките за настапот на Мундијалот во Полска во јуни, а таму Македонија ќе игра против Исланд, Романија и Фарски Острови во прелиминарната фаза.