Амбициозниот тим на Тиквеш ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната во Супер лигата и разигрувањето за титулата.
Под водство на новиот тренер Раде Стојановиќ, кавадарчани стартуваа за тренинзи, а дел од подготовките ќе ги минат во Црна Гора.
„По година дена откако водев сениорска екипа, Катар Спорт, се враќам на клупските ангажмани. Иако не бев инволвиран директно постојано го следев мкедонското првенство, кое оваа година е уште поквалитетно и поизедначено од минатата. Се надевам дека овој плеј-оф ќе донесе многу возбудливи натпревари“, вели Стојановиќ.
Тиквеш минатата сезона заврши на четвртото место, сезонава играше во Европа, а сезонава има исто така големи амбиции.
„Тиквеш е стабилна екипа, која веќе години наназад расте, како играчки така и на професионално ниво. Градот и Градоначалникот вложуваат многу во спортот во Кавадарци. Во план ни е, секако доколку се појави права прилика да донесеме едно до две засилувања, бидејќи знаеме дека плеј-офот ќе биде долг и секој натпревар ќе носи своја тежина. Ќе се бориме на секој напревар за бодови и за што подобар пласман, а во тој обид ќе ни помогнат и најдобрите навивачи – Лозари“, заврши Стојановиќ.
Кавадарчани го стартуваат плеј-офот со домашен натпревар против составот на Струга.