Стојановиќ: Нема притисок врз играчите, ние ќе си ја играме нашата игра

Младинската репрезентација на Македонија ги започна подготовките за настапот на Мундијалот во Полска.

Младинците ќе работат до петок во Маврово, а веќе в сабота заминуваат за Полска, каде ќе играат пријателски натпревар пред стартот на СП.

Ова е последна репрезентативна акција во младинските категории за генерацијата на Раде Стојановиќ, која ја водеше од пионери.

„Четврто големо натпреварување на оваа генерација. По освојувањето на ЕХФ шампионатот во Рига за кадети, имавме СП за кадети, па ЕП младинци, каде што освоивме деветто место. Еден добар континуитет на оваа генерација ракометари, мислам дека ниту една досега немала таков. Веќе четири години покажува карактер од квалификации, каде освоивме прво место што го отвори патот на генерацијата за СП кадети во Хрватска. Покажавме зрелост, професионалност, покажавме пат по кој треба да се движат идните генерации. Со посветена работа и давање максимум се постигнуваат добри резултати. Оваа генерација ја краси борбеност, мотивираност, сплотеност, го даваме максимумот и одиме на победа против сите. Ова е генерација 2004, што ја ‘освеживме’ со играчи од 2006, Самоил Ристевски и Дамјан Митев, кои се наметнаа како едни од носителите на играта и штета што ќе го немаме Самоил. За разлика од минатите првенства, сега нема време за подготовки. Нашето првенство заврши сега, ќе имаме неполна недела пред заминувањето за Полска. Играчите од оваа генерација играат сите во Супер лига, за нас е тоа најголем успех. Не само што играат, туку се и носители на нивните клубови и битна карика во играта и во успесите. Повеќето клубови во Македонија постигнуваат одлични резултати, тоа е една од работите кон која треба да се стремиме сите“, вели Стојановиќ.

Во составот нема да биде кружниот напаѓач Самоил Ристевски, а селекторот повика нов ракометар на неговата позиција.

„На ниту едно првенство не сме биле комплетни, па така ќе биде и сега. Му посакуваме на Самоил побрзо враќање на терените. Ќе ни недостига многу играч од негов калибар. Многу добро се надополнуваа со Карасманакис. Ќе пробаме со Андреј Глигоров да ја надополниме таа празнина во одбраната, а во нападот со Дејан Михајловиќ. Се собравме, некомплетни, играчите од двете екипи што играа вчера суперлигашки натпревар ги очекувам да се приклучат денеска и ќе ги одработиме овие четири-пет дена со видео анализи и тактика. Сите имаа доста натпревари, па ќе ги освежиме пред она што не очекува во Полска. До петок сме во Маврово, сабота заминуваме за Полска, ќе одиграме еден пријателски натпревар, иако се предвидени два. Потоа од Варшава одиме за Катовице и ќе се подготвуваме за првиот дуел со Фарски Острови“, продолжи Стојановиќ.

На кадетското СП во Хрватска, Македонија играше само со европски селекции, а и сега на младинското ЕП, во групната фаза за ривали ги има Фарски Острови, Романија и Исланд.

„Нашата група е мало Европско првенство. Фарски Острови секогаш се во ТОП 8, знаеме каков ракомет играат и во кој подем се наоѓа нивната школа. Романија добро ја познаваме бидејќи сме играле многупати со нив. Исланд заврши на шестото место на последното ЕП, па групата е многу тешка. Сепак нема да има никаков притисок врз играчи, како и претходно, се надеваме само дека ќе ја повториме нашата игра, дека ќе ја израдуваме македонската јавност со борбеност и пожртвуваност. Ќе пробаме да ја поминеме групата, но не можеме да ветиме ништо повеќе затоа што знаеме дека вкрстуваме со велесилите Франција и Данска.

Првиот натпревар Македонија го игра на 18 јуни против Фарски Острови, а потоа следуваат пресметките со Романија и Исланд. Сите натпревари започнуваат од 14:00 часот.