Машката младинска репрезентација на Македонија одигра храбро против Хрватска и од загубена позиција се врати во егал, па на крајот освои бод, 24-24.
Сепак за првото место во групата, избраниците на Раде Стојановиќ ќе мора во последното коло да ја совладаат Австрија.
Тој вели дека најдобро во целата ситуација е што сами си ја кроиме судбината.
„Голем е бодот бидејќи остануваме да се бориме за првото место што сигурно води во ТОП 8, иако испаднавме од трката за најдобра второпласирана селекција бидејќи Португалија или Германија ќе бидат на тоа место. Добро е што сами си ја кроиме судбината. Покажавме карактер, но мислам дека на овој натпревар многу рано поведовме со два-три гола разлика и играчите помислија дека тоа е тоа, ќе биде лесно до крај, но против репрезентација која беше бронзена на СП не може да биде така. Сепак се боревме до крај, пожртвувано, и заслужено освоивме бод, иако можевме и да победиме, но и да загубиме“, вели Стојановиќ.
Иако губеа со седум гола во вториот дел, македонскиот стручен штаб им ја врати довербата на момците кои играа како по ноти, особено во средината на вториот дел кога се правеше камбекот.
„Заедно со Бранко Ангеловски им ја вративме довербата во нив, дека не можеме ние да веруваме повеќе во нив, отколку самите себе. Им ја вративме надежта и мотивот, и тоа се виде на теренот. Ние знаеме колкав квалитет поседува оваа генерација, се надевам дека сега и тие се свесни“, продолжи Стојановиќ.
На минатото кадетско СП, Македонија славеше против Австрија во главната рунда со 29-22, но иако победата беше убедлива, не беше лесен натпревар
„За разлика од лани, Австрија има плус двајца ракометари во ротацијата, со нов селектор и според мене се најопасен ривал од групата. Нивниот голман беше во потесен состав и за сениорската репрезентација и сметам тој е најдобрата алка во нивната игра. Тие покажаа голем квалитет против Хрватска, а нас ќе ни остане в сабота да ја повториме играта од второто полувреме со Хрватите, и да ја израдуваме Македонија со еден голем успех“, заврши Стојановиќ.
Meчот меѓу Македонија и Австрија се игра в сабота со почеток во 14:20 часот.
Храбрата Македонија освои голем бод против големата Хрватска!
Шулески ја водеше Македонија до реми и стана МВП против „коцкестите“