По драматичното реми со Австрија, 20-20, машката младинска репрезентација на Македонија ја чекаат битки за пласман од 9 до 16 место на ЕП во словенечкиот град Целје.
Селекторот Раде Стојановиќ вели дека е задоволен од досегашниот настап и дека првичната цел, пласман на СП 2025 е остварен.
„Треба да бидеме задоволни од досегашниот настап на првенството. Знаеме колку долго време не бевме на ваквите првенства во младинска конкуренција. Карактерот и играта што ја покажуваат овие момци е најважен. Ние сме на второто место со најдобра одбрана на ЕП, знаевме во каква група сме, знаевме каков е системот. Сите се надевавме на ТОП 8, но првата цел ни беше пласман на следното големо натпреварување, а тоа го сторивме со бодот против Хрватска“, вели Стојановиќ.
Судиите од Холандија имаа чуден критериум, но македонскиот селектор не сака да ги коментира.
„За натпреварот не би сакал да зборувам за надворешните фактори, но мора да го издвојам последниот наш напад. Недозволиво е на едно вакво големо натпреварување семафорот да не работи на последните десетина секунди. Можеби на стримот за тие што гледаат тој работеше, но за нас во сала и присутните во публика беше неприфатливо на 29:50, на наш последен напад, натпреварот да заврши без времето да почне да тече и сите да имаме увид“, продолжи Стојановиќ.
Иако голема шанса беше пропуштена, сепак следуваат уште три нови натпревари за подобар пласман против селекциите на Франција, Полска и Романија.
„Емоционално и психички сме испразнети, нормално е да е така, бидејќи еднаш се игра на ЕП во оваа генерација и имавме шанса за ТОП 8, но што е тука е и одиме напред, ќе имаме уште едно големо натпреварување пред нас, Мундијалот во Полска. Немаме многу време за подготовка за следните ривали. Франција знаеме дека беше во најтешката група и знаеме со каков квалитет располага. Со Полска се немаме сретнато досега, за Романија имаме некои информации. Секој бод и победа во оваа фаза за нас ќе биде огромен успех. Треба само да им дадеме поддршка на момците и да бидеме задоволни од тоа што го покажавме досега“, заврши Стојановиќ.
Утре во 12:00 часот е мечот со Полска, задутре во истото време со Романија, додека на пладне в четврток ќе биде пресметката со Франција.