Тимот на Тивкеш стартуваше со победа во разигрувањето за титулата во Супер лигата, откако во „Јасмин“ славеше против незгодната Струга со 32-25. Стружани парираа во одреден дел од натпреварот, кавадарчани ја преземаа контролата во финишот на првиот дел и имаа плус четири, но на стартот на второто полувреме гостите се вратија во егал. Сепак кога требаше да се направи завршиот чекор, им снема идеја во нападот и Тиквеш рутински одработи до крајот за победа на дебито на тренерот Раде Стојановиќ и три бода на стартот од плеј-офот.
Гостите одржуваа рамнотежа на стартот, во два наврати водеа со по два гола разлика, но по 5-4, следуваше една серија на кавадарчани од четири погодоци преку Стефановиќ, Симиќ и Мајиќ за 8-5. Беше и 10-7, но стружани преку Бошњак и Тренчевски за момент се врати во игра, но одново следуваа грешки во нападот и Тиквеш се одлепи на највисоки плус четири, 14-10. Малата деконцетрација на домашните беше казнета со два гола на Струга за 14-12 на паузата.
Гостите не се откажуваа од борба за камбек и успеаја набрзина да стигнат до егал на стартот на вториот дел, 15-15. Беше и 17-17, но потоа избраниците на Наум Танески не можеа да го издржат ритамот што сами го наметнаа. Се зголемија грешките во нападот, Обина казни на два пати, Симиќ и Мајиќ исто така во брзи контранапади погодуваа за 23-18 кога имаше да се игра уште петнаесетина минути до крајот на мечот.
Гемаљевиќ му фати пенал на Бошњак , Тиквеш се одлепи на плус шест 27-21 и веќе немаше дилеми околу победникот. Шанса меѓу домашните стативи доби младиот Бакев, но тоа немаше влијание на резултатот.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Обина со седум и Мајиќ со пет погодоци, додека кај Струга, Бошњак имаше десет погодоци, а по четири пати стрелаа искусните Тренчевски и Младеновски. Струга следниот викенд ќе игра против Охрид, додека кавадарчани му гостуваат на вицепрвакот во Автокоманда.