Стојанов и Петковски се погрижија за триумф на Драчево, во Автокоманда паднаа 74 гола!

Тимот на Драчево ја запиша втората победа во прволигашката конкуренција, откако на домашен терен славеше против Шампион со 40-34.

Лазар Стојанов со девет и Димитар Петковски со осум гола беа предводници во тимот на Велимир Настески, додека Борјан Лалов и Петар Ферукоски имаа по шест реализации.

Домаќините водеа и со десет гола во првиот дел, на пауза се замина со 22-15, а во вториот дел црвен картон поради трите исклучувања кај Шампион, доби еден од најдобрите Илија Пејковски.

Немаше многу возбудувања, Драчево рутински ја одржуваше разликата и не дозволи никакво изненадување. Во тимот на Шампион најдобри стрелци беа Пејковски и Ѓиноски со по шест гола.

Вториот тим на „сино-белите“ од Автокоманда славеше против Аеродром со убедливи 49-25. Гостите парираа првите дваесетина минути, но имаа голем пад во финишот на првиот дел и тоа го искористија домашните за плус седум на паузата, 19-12.

Нападот на „витамините“ беше уште повеќе расположен во второто полувреме и постигна дури 30 погодоци, а предничеше десното крило Александар Стојков со 12 гола, додека осум пати погоди Бобан Поповски.

Во составот на Аеродром, пет пати реализираше Ниновски, а по четири гола имаа Иван Ќурчиев и Александар Ристовски.