Со градскиот дуел меѓу Бутел Скопје и Пролет ќе биде затворено шестото коло од новата сезона во Супер машката лига.
Бутел Скопје е во серија од четири победи во елитното друштво по поразот во првата рунда од шампионот Еурофарм Пелистер, додека Пролет има три победи дома и два порази на гости.
Голманот на бутелци, Александар Стојаноски вели дека очекува борбен натпревар со многу жар на теренот.
„Пролет е доста квалитетна екипа и секогаш имале амбиции за плеј-оф и имаат неколку искусни играчи кои се костурот на екипата со млади и добри деца. Натпреварите помеѓу Бутел и Пролет секогаш биле неизвесни до крајот на натпреварот и очекувам и овој исто да биде со многу борба и жар на теренот“, изјави Стојаноски.
Тој смета дека решавачко ќе биде играта во одбрана.
„Ние одиме од натпревар на натпревар, се спремаме за секој противник и мислам дека фактор Х ќе биде добрата концентрација, играта во одбрана и помалиот број на технички грешки“, продолжи Стојаноски.
Искусниот чувар на мрежата вели дека големата желба и мотив да се докаже дека европската елиминација беше само лош ден, се причината за четирите победи во серија.
„Тежок пораз, уште потежок и за играчите, но сепак Кузманоски не остави простор за пад на концентрацијата и со уште поголема желба и мотив пренесен на играчите дојдовме до четири победи, а нормално одиме и на петта и секој следен натпревар за победа. Бутел игра дома и бодови не можат да се земат без некој да не надигра…“, заврши Стојаноски.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Пролет се игра вечерва во салата „Антон Димитров“ со почеток во 18:00 часот.