Откако Лазе Мајнов ја презема функцијата претседател на тимот на Аеродром, брзо почна и консолидирањето на клубот. Веднаш е назначен нов тренер, а тоа ќе биде Мите Стоилов, поранешен репрезентативец на Македонија, а сега помошник тренер во кадетската репрезентација на Македонија.
Митко Стоилов, последниве години беше дел од играчкиот кадар, а потоа и тренер на Младост од Богданци, и работеше и со младите категории на овој клуб. Но, клубот покажа сериозни амбиции да се игра во Супер лигата, и во меѓувреме се засили, и играчки и на тренерската позиција.
Набрзо би требало да се објават и имињата на играчите кои ќе играат сезонава во Аеродром, иако клубот ќе треба да почне „од нула“ бидејќи досегашната управа замина, а тренерот Дарко Петровски заедно со младинскиот погон преминува „од другата страна на Вардар“.
Мајнов реши да влезе посериозно во ракометот, и како претседател да почне една нова ракометна приказна. Заедно со Стоилов, кој беше негов репрезентативен колега и со новите членови на управата повторно ќе се обидат да го вратат клубот на нивото на кое беше, како расадник на нови таленти. Повеќемина играчи кои сега се дел од други клубови, па и играат во репрезентацијата, првите чекори ги почнаа токму во Аеродром.
Мите Стоилов имаше долгогодишна кариера играјќи за Младост Богданци, Вардар, Металург, Загреб, Одорхеи…и беше дел од националниот тим на три големи натпреварувања.