Стерјев: Еурофарм Пелистер ќе биде уште посилен!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер трипати по ред ја освојува титулата во Супер машката лига, а во Битола не кријат дека амбициите не се само повторување на истиот успех, туку и дупла круна со трофеј во Купот.

Потпретседателот на клубот, Бојан Стерјев, во разговор за 24Ракомет, ги потенцира амбициозните планови и се осврна на ремито со ГОГ Гудме во Лигата на шампионите, кое не донесе многу во поглед на пласманот и следната фаза, но донесе многу во позитивната атмосфера во клубот.

„Се надевам дека мечот со ГОГ и камбекот од минус пет до реми, ќе донесе позитивна атмосфера пред стартот на плеј-офот. Најважно за Еурофарм Пелистер оваа сезона е да освои двојната круна, односно да се спои како тројна со трофејот во Супер купот, нема да кријам дека тоа ни се амбициите – да бидеме четврти пат по ред шампиони на Македонија“, вели Стерјев.

Пелистерци го отворија плеј-офот со убедлива победа на гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш, а веќе во втората рунда од разигрувањето во Битола ќе гостува Вардар. Скопскиот состав има четири бодови предност пред шампионот, но Стерјев вели дека Еурофарм Пелистер никогаш не е отпишан, без разлика на бодовното заостанување.

Покрај двата најголеми ривали, својата шанса од позадина ја чекаат Охрид и „сино-белите“ од Автокоманда.

„Еурофарм Пелистер никогаш не е отпишан, иако имаме бодовна негатива. Јас сакам да го пофалам раководството на Вардар за добрата работа, Владо Недановски и Андрија Нунев, имаме со нив перфектна соработка. Ние можеби сме ривали на терен и навивачите имаат ривалство на трибини, но соработуваме можеби најдобро со Вардар. Го поддржувам проектот на Охрид, бидејќи ако нема такви амбициозни проекти, македонскиот ракомет нема да оди ниво погоре, а што се однесува до тимот на Алкалоид, не би ги потценил и нив пред битките за титула. Тие ја имаат нашата поддршка, со самата инвестиција во македонски играчи се прави чекор напред за националниот тим, а тоа вродува клуб. Би сакал да мотивирам и други бизнисмени и спонзори да вложуваат во ракометот, бидејќи овој спорт е број еден во Македонија“, продолжи Стерјев.

Тој ветува дека битолскиот клуб ќе биде уште посилен во иднина и веќе се прават плановите за тоа како ќе изгледа ростерот на клубот наредната сезона.

„Еурофарм Пелистер е пред се клуб со историја. Ние, посебно јас како наследник, имаме аманет од Силјан Мицевски – битолската публика да ужива во врвен ракомет и да биде горда со клубот, да се одржи клубот во врвот на нашиот ракомет. Мојот дедо ги постави основите одамна, среќен сум и горд на тоа што тој го постигна во клубот, а јас можам да гарантирам дека и во иднина битолчани ќе имаат клубот со кој ќе се гордеат. Преговорите со новите поддржувачи се на самиот крај, и верувам дека пласман во осминафинале од ЛШ или ЛЕ би било неуспех наредната сезона. Што се однесува до вториот тим, се уште не е познато дали ќе продолжат двата тима, а тоа ќе биде договорено со новите спонзори. Битолскиот ракомет има иднина, тоа е сигурно, а Еурофарм како компанија и ГП Пелистер имаат аманет да имаат аманет да останат во клубот. Се надевам дека уште повеќе битолски или интернационални компании ќе ни се приклучат“.

Најново засилување во битолскиот клуб е хрватскиот пивот Никола Граховац кој дојде во Еурофарм Пелистер по настапите за Загреб, Балинген, Веспрем, Вецлар…

„Баравме пивот од средината на ноември по раскинот на договорот со Валид, но потрагата одеше тешко, а со Никола Граховац се надевамее дека ја решивме таа позиција. Познато е дека си оди Домен Тајник, но во наредната сезона на средната бековска позиција ќе донесеме големо засилување. Амбицијата на клубот е да се задржи костурот на екипата, а сите што ќе ги побара тренерот да останат или да се донесат ние ќе го овозможиме тоа“, заврши Стерјев.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер е дуелот со ПСЖ на 4 март, па ќе бидат натпреварите од Купот на Македонија претстојниот викенд, пред последното гостување кај Барса на 11 март и големото дерби со Вардар викендот на 14/15 март.