Стерјев: Битола заслужува Лига на шампиони

Откако „Платформата за ракометна Битола“ стартуваше во 2020 година, беше еднаш продолжена соработка во 2024 година на две години, а сега беше ставен и третиот потпис на двата акционери во клубот – Општина Битола и компанијата Еурофарм.

Претседатот на клубот, Зоран Стерјев, не го криеше задоволството и потенцираше дека ова обединување ќе му донесе само бенефит на клубот.

Тој е убеден дека Битола и наредната сезона ќе гледа натпревари од Лигата на шампионите.

„Оваа платформа можеби ќе биде малку поразлична, од аспект што и досега беше платформа на обединување, меѓутоа овој период покажа дека тоа обединување станува уште поголемо. Кон платформата очекуваме дека ќе се приклучат и други стопански субјекти кои што веќе го најавуваат своето присуство на платформата и тоа е она што посебно радува, што платформата и со својата успешност покажа, докажа дека тоа е патот кој треба да го трасираме и патот по кој што треба да се движиме за успех и во спортот и во градот. Таргетите се освојување на сите титули во нашата држава, достојно и квалитетно претставување во европските купови и убеден сум дека тоа повторно ќе биде Лига на шампиони затоа што овој град, оваа публика, момците кои што се дел од екипата и на крајот сите ние, заслужуваме да останеме еден од 16 градови каде што се игра најквалитетниот ракомет во Европа, а со тоа и во светот“, изјави Стерјев.