Тимот на Тиквеш го очекува напорна недела со три натпревари во Супер лигата и во Европскиот Куп.
Прв на листата е Скопје, кој кавадарчани го пречекуваат на домашен терен, потоа гостуваат кај вицепрвакот во четврток во Автокоманда, а в недела ќе се соочат со австрискиот Кремс.
Кружниот напаѓач Никола Стефановиќ изнесува голем товар на линијата од шест метри, но е подготовен за нови двобои со противниците.
„Дадовме се од себе против Охрид и знаевме дека мора да влеземе со 100% од силите и заслужено победивме. Мислам дека гол разликата дури е мала, колку што бевме подобри, но на крајот само бодовите се битни“, вели Стефановиќ.
Српскиот интернационалец очекува ист пристап и против Скопје.
„Против Скопје очекувам исто како Охрид – максимална борбеност и пожртвуваност како на претходниот дуел. Мора да бидеме сериозни и да ја продолжиме победничката низа во Супер лигата. Нашите навивачи се дел од оваа приказна на Тиквеш, дел без кој ние не можеме на теренот да дадеме 100%. Драго ми е што секогаш со нас и многу им благодарам за тоа. Атмосферата е одлична во клубот, играме многу подобро од ланската сезона во ова време и се е како што треба“, продолжи Стефановиќ.
Кавадарчани за кратко време ќе одиграат многу средби, но пивотот вели дека нема калкулации пред дуелите со вицепрвакот и австрискиот Кремс.
„Нема никакви калкулации да има од наша страна, не мислам дека некој ќе се штеди, иако ритамот е напорен. Тоа ќе биде натпревар како и сите други. Одиме да дадеме се од себе, знам дека кој и да игра ќе го даде својот максимум. Очекуваме дека Тиквеш и на сите следни натпревари ќе продолжи во ист ритам, ни Вардар ни Еурофарм Пелистер нема да може да мине лесно низ Кавадарци“, заврши Стефановиќ.
Натпреварот со Скопје се игра вечерва во салата „Јасмин“ со почеток во 19:30 часот, додека дербито во Автокоманда е в четврток од 19:00 часот. За крај на оваа недела во Кавадарци в недела гостува австрискиот Кремс во рамките на Европскиот Куп.