Тимот на Тиквеш од Кавадарци стартуваше според посакуваното и оствари три победи на три натпревари од стартот на Супер лигата.
Кружниот напаѓач Никола Стефановиќ, кој во Кавадарци ја игра третата сезона, очекува да продолжи победничката низа.
„Во Куманово очекувам дека ќе одиграме добар натпревар, но не смееме да влеземе опуштени. Мора да бидеме максимално сериозни, не 100%, туку 200% и да ја продолжиме победничката серија во Супер лигата“, вели Стефановиќ.
Српскиот интернационалец смета дека како ќе одминува времето така формата на кавадарчани ќе расте уште повеќе.
„Мислам дека досега доволно се воигравме, формата полека и константно расте како ќе одминува времето. Секако дека има простор за напредок, секогаш има, но како и секоја сезона нашата амбициозна екипа, посакува да го извлече максимумот и да одиграме најдобро што можеме во дресот на нашиот Тиквеш“, заврши Стефановиќ.
Натпреварот против Куманово се игра в сабота во салата „Перо Наков“ со почеток во 13:00 часот.
По овој дуел, кавадарчани ги чекаат две домашни средби против Охрид, а потоа и пред Скопје, пред гостувањето кај Алкалоид.