Денеска Ракометната федерација на Македонија и селекторот Кирил Лазаров ја продолжија соработката за уште три години.
Тој ќе остане на кормилото на машката репрезентација најмалку до 2029 година, и ако го одработи договорот до крај ќе комплетира седум години како селектор.
Првиот човек на македонскиот ракомет, Александар Стефанов, верува дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим.
„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“, изјави Стефанов.
Следен предизвик за Лазаров и македонската репрезентација ќе биде настапот на ЕП 2026 во Данска, Шведска и Норвешка.

























