Стефанов откри: Македонија е кандидат за домаќин на четири Светски првенства!

Претседателот на РФМ, Александар Стефанов и генералниот секретар Влатко Тасевски минатата недела остварија средба со претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа.

На средбата во Базел, беа официјализирани апликациите за организација на Мундијали во младинските категории.

Се работи за Светски првенства за кадети, кадетки, младинци и младинки во периодот од 2026 до 2029 година.

„На наша иницијатива бевме во ИХФ на прием кај претседателот Хасан Мустафа. Задоволни сме од тоа како помина средбата со него и со целото раководство на светската куќа на ракометот, имавме конструктивна средба. Аплициравме за четири младински и кадетски првенства во наредните четири години, се надеваме во позитивна насока дека ќе успееме да добиеме барем една, а зошто да не и повеќе организации“, изјави Стефанов.

Првиот човек на македонскиот ракомет потенцираше дека сите женски клубови и машките од Прва лига ќе добијат топки со помош на ИХФ.

„Сите женски клубови од Македонија и сите машки од Првата лига ќе добијат топки како дел од соработката со ИХФ. Добивме ветување дека ќе добиеме уште една гер-флор подлога што ќе може да ја користиме низ Македонија. Беше опфатена и темата ракомет на песок и реактивирање на националните селекции“, потенцираше Стефанов.

Генералниот секретар Влатко Тасевски откри дека се разговарало за соработка со ИХФ во поглед на отворањето на ракометни школи за најмали категории низ сите градови во Македонија.

„Со ИХФ договоривме и соработка во поглед на отворање на ракометни школи низ Македонија. Тие веќе имаат детален проект, кој го имплементираат во повеќе држави. Сега сме во дискусија како ние овде да го имплементираме тој проект и да се отворат школи во сите градови за најмалите категории“, изјави Тасевски.