Стефанов до македонските ракометари: Верувајте во себе и играјте со срце!

Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка е првото големо натпреварување на Македонија откако на чело на македонскиот ракомет е Александар Стефанов.

Тој е свесен со кои репрезентации и ривали ќе се сретнеме на ЕП, па вели дека треба да се покаже најсилниот македонски адут – карактерот.

„Со почит кон противниците, но и со самодоверба. Свесни сме со кого играме и каде играме, но знаеме и што претставува македонскиот ракомет. На вакви турнири нема простор за импровизации. Потребни се дисциплина, фокус и максимална посветеност. Често на големите натпреварувања деталите решаваат, а нашиот најсилен адут отсекогаш бил карактерот“, вели Стефанов.

Некогашниот ракометар, а сега претседател на РФм очекува одговорност, борбеност и срце на терен.

„Очекувам одговорност, борбеност и срце. Овие момци се одрекуваат од многу лични работи за да бидат дел од репрезентацијата. Искрено сме горди на нив и на начинот на кој го носат дресот на Македонија. Нашата обврска е да им обезбедиме услови во кои ќе можат целосно да се фокусираат на играта и да почувствуваат дека зад нив стои цел систем и цела држава. Овој настап на Европското првенство 2026 сакам да остави чувство на гордост и сигурност дека македонскиот ракомет има јасна насока и иднина. Да биде уште еден чекор во градењето систем што ќе создава нови ракометари, нови репрезентативци и нови моменти за национална гордост“, продолжи Стефанов.

Тој имаше порака до ракометарите и навивачите.

„До играчите – да веруваат во себе и да играат со срце, затоа што цела Македонија стои зад нив. До навивачите – да продолжат да бидат нашата сила. Кога сме обединети, Македонија е силна“, заврши Стефанов.

Првиот меч на ЕП нашата репрезентација го игра утре во „Јуске Банк Боксен Арена“ против домаќинот Данска од 20:30 часот.