Македонската интернационалка Сара Стефаноска, која на почетокот на 2024 година започна да гради интернационална кариера, продолжува со одличните партии во српскиот шампионат.
Јагодина со Стефаноска во натпревар од 16. коло од најквалитетното натпреварување во Србија славеше на свој терен против еден од ривалите за титулата, тимот на Железничар од Инџија, со резултат 26:23 (14:8).
Кичевчанката беше меѓу најдобрите на теренот и заедно со Сања Стаменкоиќ беа најдобри стрелци во победничката екипа. Македонката го заврши натпреварот со шест погодоци од девет обиди, а зад своето име имаше и три асистенции.
Стефаноска на 17 одиграни натпревари има постигнато 57 погодоци, а во 8. коло, кога нејзината Јагодина славеше над Наиса Ниш, беше најкорисен играч, односно МВП на натпреварот.
Екс-ракометарката на Вардар имаше и солиден настап на европска сцена, на четири натпревари постигна 19 погодоци, со што само ја потврди одличната форма на интернационално ниво.