Кружниот напаѓач Стефан Атанасовски од наредната сезона ќе ги брани боите на Струга, откако постигна договор со клубот за соработка. Со ова, стружани добиваат квалитетно засилување на пикерската позиција пред стартот на новата суперлигашка сезона.
Атанасовски во својата кариера настапуваше за бројни клубови во Македонија и надвор од неа. Изминатата сезона ја мина во Пролет, каде остави силен впечаток. Пред тоа, тој играше за косовскиот Раховец, каде со екипата оствари серија победи и го освои Супер купот.
Овој 25-годишен ракометар потекнува од школата на Вардар, а во својата кариера има настапи и за Работнички, Куманово, Ал Араби (Катар) и Ал Мудар (Саудиска Арабија). Познат е по својата висина и корпуленстнст што ќе претставува значаен адут за тимот на Струга во битката за повисок пласман.
Има настапи и во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Со доаѓањето на Атанасовски, раководството на Струга продолжува со офанзивата за формирање конкурентен тим кој ќе биде подготвен за новите предизвици во македонската Суперлига.