Амбициозниот љубљански Слован во новата сезона во своите редови ќе го има и словенечкиот плејмејкер Сташ Скубе, кој по девет години играње надвор од татковината се врати дома.
Скубе, кој потекнува од Требње и со ракомет почнал на седумгодишна возраст, откри дека уште како дете бил опседнат со спорт.
„Топката ми беше постојано во раце, ништо друго не ме интересираше,“ вели 35-годишниот среден бек за словенечка „Екипа 24“.
Иако можел да стане учител по физичко или тренер – дипломирал на Факултетот за спорт и има специјализација по ракомет – спортот целосно ја одредил неговата патека. За кратко време, сепак, се обидел и во музиката.
„Година и пол свирев хармоника, но пробите се преклопуваа со тренинзите. Одлуката што да оставам беше лесна,“ призна Скубе.
Во деветгодишната интернационална авантура настапуваше за ПИК Сегед, Вардар, Мешков Брест и Монпелје. Најубави спомени носи од престојот во Скопје.
„Тоа ми беше најубавиот период – освен што ја освоивме Лигата на шампионите, луѓето во Македонија се енергични, срдечни и секогаш подготвени да помогнат. Ми се допадна и музиката, и храната,“ истакна Скубе.
Признава дека во Франција му било најтешко – „Изреката ‘направи се Французин’ навистина е точна,“ – а од Белорусија пак носи само убави спомени.
„Земјата е чиста, уредена и безбедна. Луѓето беа многу пријатни, немав ниту едно лошо искуство.“
Скубе е повеќе од 18 години заедно со сопругата Елвира, со која има две деца.
„Без неа не би можел да ја издржам кариерата. Секогаш имав нејзина максимална поддршка,“ вели ракометарот, кој денес живее во близина на Иванчна Горица во куќа што ја изградил пред три години.
Иако е свесен дека крајот на кариерата се приближува, Скубе верува дека има уште неколку години ракомет во себе.
„Не сакам премногу да планирам, но сигурно ќе останам во спортот. Словенија е најубаво место за живот и тука ќе останам,“ заврши Скубе.