Стартува пријавувањето за ракометниот камп „40х20“

По успешно реализирани три изданија на ракометниот камп „40х20“, во балканскиот бисер Охрид, организаторот на кампот, агенцијата КМГ Спорт, ги стартува подготовките и го најавува четвртото издание .

Настанот на кој во центарот на вниманието е спортот број еден во Македонија, ракометот, но и запознавање нови другарчиња, едукација и многу забава,  овој Јули од 06 до 11 во месецот, по четврти пат ќе се одржи на брегот на прекрасното Охридско езеро.

Препознавајќи го квалитетот на кампот, но и посветеноста на тимот кој го организира истиот, минатата година интересот на родителите и децата беше на многу високо ниво, а според најавите, оваа година интересот е на уште едно ниво погоре.

Како содржина на кампот, посебно внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, поделени според позицијата која ја практикуваат во ракометот. Тоа го прави овој камп уникатен, многу квалитетен и продуктивен. Но, на кампот во Охрид нема само ракомет. Содржината е обемна и прилагодена на возраста на одредени групи на деца.

„ На кампот имаме деца од 7-17 години, и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Кај оние највозрасните (14-17 години) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен аспект, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца, и покрај ракометот на менито има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот на Хотел „Десарет“ – вели Горан Ѓоргоноски.

Организаторот на кампот го најавува стартот на пријавувањето, кое е предвидено за  понеделник (10.03.2025 година) од 12 часот, за сите заинтересирани кои сакаат да го осигурат своето место за незаборавно ракометно искуство.

Организаторот потенцира дека, имајќи предвид дека кампот има интернационален предзнак, интересот и на децата од странство е зголемен и се очекува учество на повеќе деца од Шведска, Србија, Шпанија и останатите земји од регионот и цела Европа.

Задржувајќи ја практиката од претходните изданија, пред одржување на кампот, секој учесник ќе биде детално прегледан кај медицинскиот партнер на кампот, со цел добивање јасна слика за моменталната здравствена состојба на секој учесник на истиот, сегмент кој е од исклучителна важност за организаторот на кампот, но и за родителите на учесниците на истиот.

Планирано е, како и минатите години, како би допринеле во насока на едукација на тренерите кои работат со млади категории во Македонија, организаторот да реализира тренерски семинар во склоп на самиот настан, но и воведување на нови содржини за учесниците на кампот, каде што наши успешни ракометари и репрезентативци, ќе ја раскажат својата спортска приказна, како поттик за новите ракометари на Македонија.