Само две екипи се непоразени оваа сезона во европските купови - Охрид и Кил!
Европските купови – Лигата на шампиони, Лига на Европа и ЕХФ Купот се ближат кон својата завршница, а во битката за титулите остануваат само најдобрите.
Две македонски екипи, Вардар (во Лигата на Европа) и Охрид (ЕХФ Купот), се во трка за титулите, а „гладијаторите“ можат да се пофалат дека заедно со Кил се единствените екипи што досега имаат само победи на европска сцена.
Секако дека не може да се споредуваат екипите што играат во Лигата на шампионите и оние што се дел од ЕХФ Купот, но и во третото по ранг европско клупско натпреварување, има екипи како нашиот Охрид, Целје, Татабања…што сигурно може да се носат со Колстад, Загреб, Динамо Букурешт, Еурофарм Пелистер…
Кил досега запиша десет победи во Лигата на Европа – шест во групната фаза и уште четири во главната рунда. „Зебрите“ два пати славеа против францускиот Монпелје, шпанската Бидасоа Ирун, швајцарскиот Берн Мури, полската Островија и германскиот Фленсбург.
Охрид досега ги елиминираше азербејџанскиот Баку, босанската Слога Добој, чешката Дукла Прага и грчкиот Олимпијакос, а пред „гладијаторите“ сега стои најголем предизвик – двомеч од полуфиналето против некогашниот европски првак Целје.


























