Срушен рекорд на кадетското СП – се играше пред 22.150 гледачи!

Четвртфиналниот дуел помеѓу Шпанија и Египет на Светското првенство за кадети влезе во историјата со најголема посетеност на еден натпревар во рамки на ова натпреварување – 22.150 гледачи во легендарната сала во Каиро.

Во неверојатна атмосфера и поддршка од полните трибини, домаќинот Египет им се спротивстави на актуелните шампиони Шпанија и водеше до 52. минута, но на крајот „фуријата“ победи со 31:29 по драматичен финиш.

Овој рекорден настан уште еднаш потврди дека ракометот добива сè поголема популарност на глобално ниво, а Египет, кој беше домаќин и на Светското првенство за сениори во 2021 година, се потврди како врвна организациска дестинација за големи ракометни настани.

Претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, со голема гордост го поздрави овој момент.

„Стануваме сведоци на историски миг за нашиот спорт. Рекордната посетеност од 22.150 гледачи е доказ за неверојатната страст и посветеност што ракометот ја буди ширум светот. Ова е признание за брзиот раст на спортот и за извонредната организација на Египет, кој успеа да обедини врвни млади таленти од целиот свет.“

Ова е трет рекорд на посетеност во ракомет за само една година.

Најпрвин, финалето на женскиот турнир на Олимписките игри во Париз 2024 собра 26.664 гледачи во „Пјер Моруа“ во Лил, каде Норвешка ја совлада Франција и со тоа стана најпосетен женски натпревар воопшто во сите категории и сите натпреварувања. Потоа, на Светското првенство за младинки 2024 во Кина, дуелот Данска – Кина во Чужоу го следеа 5.050 гледачи, што е најмногу во оваа категорија досега.