Вардар се засилува на голманската позиција за следната сезона. Македонскиот клуб потврди дека постигнале договор со српскиот репрезентативен голман Милан Бомаштар, кој потпишал двегодишен договор со важност од сезоната 2026/27.
Новиот чувар на мрежата со голема мотивација го најави доаѓањето во Скопје, истакнувајќи дека Вардар го гледа како чекор напред во кариерата и дека посебно се радува на работата со тренерот на голмани Марио Келентриќ.
„Вардар е еден од најдобрите клубови на Балканот и многу сум среќен што ќе бидам дел од таков клуб. Мислам дека ова е чекор повеќе во мојата кариера и дека многу ќе ми значи соработката со Марио Келентриќ кој е еден од најдобрите тренери на голмани. Со нетрпение ја очекувам можноста да бранам гол пред фантастичните навивачи на Вардар во салата „Јане Сандански“, познати како едни од најдобрите во Европа. Македонската лига во последните неколку години израсна во една од најјаките лиги на Балканот. Верувам дека со Вардар ќе освоиме сите домашни трофеи и дека ќе се покажеме што е најдобро можно во Европа“, изјави Бомаштар.
Со овој потег Вардар најавува сериозни амбиции за следната сезона, во која клубот ќе атакува на домашните трофеи, но и ќе бара што подобар учинок на европската сцена.
























