Македонскиот шампион Ѓорче Петров по само два натпревари ја заврши европската сезона, откако славеа со седум гола против шведскиот Хорс со 26-19, но тоа не беше доволно да се надмине негативата од првиот меч од осум гола. Иако избраничките на Симе Симовски во последната минута стигнаа до плус седум, сепак немаше време да сторат нешто повеќе и мораа да се помират со елиминација.
Гостинките отворија со водство од 3-0 по грешките на Божиноска, Николовска и промашениот пенал на Дежиќ. Но набрзина „лавиците“ го израмнија резултатот, се разигра Муратовиќ и беше 3-3. По неколку минути игра гол за гол до 6-6, најпрво Менезес украде топка и сама реализираше, а погоди и младата Мацире. Грешката на Содербом ја казни Муратовиќ и Ѓорче Петров се одлепи на плус три, 9-6.
Тоа беше знак за тренерот на Хорс да побара тајм-аут. По него шведските ракометарки заигра подобро, се вратија во егал, 9-9 по дваесетина минути игра и се мораше да почне од нула за македонскиот шампион. Ризоска и Дежиќ беа прецизни за плус два, 12-10, но домаќинките во последните две и пол минути не реализираа ниту еднаш и на пауза се замина со 13-12.
Вториот дел тргна со два гола на „лавиците“ за 15-12, а по одбраните во серија на Габина Лима беше и 18-15. Муратовиќ и Дамјаноска пропуштија прилики за плус четири, но промашуваа и гостинките Толбринг и Јонсон. По уште една грешка на Толбринг, Дежиќ конечно донесе четири гола предност за Ѓорче Петров, кога имаше да се игра уште 11 минути од мечот, 20-16.
Следуваше тајм-аут за Хорс, но на сцена стапи Јершек, која ја зголеми разликата во корист на Ѓорче Петров на пет, 22-17. Следуваа низа промашувања на двете страни, Габина Лима одбрани уште два пати, а кога имаше уште 120 секунди, македонскиот првак поведе со 24-18. Беше и 25-18 со голот на Муратовиќ, но Хорс намали и немаше веќе време за плус осум.
Голманката Лима Габина имаше десет одбрани, Дежиќ даде десет гола, а осум постигна Муратовиќ. Кај Хорс се истакна Остблом со пет погодоци.