Србин ќе го брани голот на „црвено-црните“, Вардар „флертува“ и со Алекс Душебаев!

Српскиот репрезентативен чувар на мрежата, Милан Бомаштар, од лето би требало да го чува голот на двократниот европски првак Вардар, пишува „Handballia“.

Според Словенците, по десното крило Вукашин Воркапиќ и средниот бек Жоао Педро Да Силва, Бомаштар е третиот ракометар што го стави потписот на договорот со Вардар, а тоа многу веројатно ќе го стори и левиот бек од Слован Љубљана, Леон Љевар.

Претходно во комбинациите за трансфер во Вардар се споменуваа и Никола Портнер и Клемен Ферлин, но јасно е дека од тоа нема ништо.

Бомаштар потекнува од Металопластика Шабац, во моментов брани во францускиот Шарт, а претходно беше дел шведскиот Шевде и шпанскиот Адемар Леон.

Според некои неофицијални информации, на мета на „црвено-црните“ е шпанскиот репрезентативец Алекс Душебаев, кој идното лето ја завршува седумгодишната авантура во полскиот Келце, каде отиде токму од Вардар.