Србија пропушти напад за пласман на СП, Црна Гора сензационално загуби вторпат од Италија!

Иако Србија се наоѓаше на чекор да го елиминира светскиот шампион од 2013 – Шпанија, сепак  „црвената фурија“ имаше многу среќа во Нови Сад, се извлече на крајот и не загуби со четири гола разлика, крајниот резултат беше 25:22 (15:11) за „орлите“, а тоа беше доволно шпанската репрезентација да се пласира на Мундијалот.

Избраниците на Рибера пласманот го обезбедија благодарение на победата од првиот дел, тогаш победија со 32:28, денеска играа многу климаво, губеа и со пет гола разлика, но во финишот пресуди поголемото искуство на една од најтрофејните репрезентации во светот.

Србите има за што да жалат, во 45 минута водеа со 20:14, во најголемиот дел од последниот период имаа предност од три до четири гола разлика, имаа и напад на крајот, но немаа многу среќа да да направат големо изненадување, односно да се изборат за пенали.

Италија во Подгорица покажа дека првата победа против Црна Гора од 32:26 не е никаква случајнот и денеска повторно ги надигра избраниците на Владо Шола, дојде до триумф од 34:32 (17:13) и заслужено следната година ќе се натпреварува на Светското првенство.

Романија повторно остана без пласман на Мундијалите, откако на реванш дуелот од баражот за Светското првенство загуби убедливо од Чешка со 29:20 (15:9). Романците во текот на натпреварот никако не можеа да заиграат според посакуваното и јасно беше дека ќе имаат тежок предизвик да ја сочуваат предноста од првиот натпревар, кој го добија минимално со 31:30.

Чешка последен пат на Мундијалите има учествувано во 2015 година и оттогаш пропушти четири учества. Искусниот Томас Мрква доминираше меѓу стативите и буквално ги откажа Романците, натпреварот го заврши со 17 интервенции, а во нападот предводник беше Матеј Клима со 11 погодоци.

БиХ пред својата публика во Тузла одигра реми против Португалија, 26:26 (13:17), но тоа не беше доволно за пласман на Мундијалот. Португалците местото меѓу најдобрите светски репрезентации го обезбедија уште на првиот натпревар триумфирајќи со 29:19.