Иако во неделата доцна навечер беше објавен банкрот и прекин на функционирањето на трикратниот европски првак Вајперс Кристијансанд, по 24 часа беше објавено дека клубот сепак ќе биде спасен.
Претседателот на одборот на директори, Петер Гитмарк откри дека имаат најдено решение за клубот да продолжи да егзистира, но не откри премногу детали.
„Пред ‘змиите’ да бидат погребани, воскреснаа. Се појави база за понатамошно работење на клубот. Ни претстои могу работа, за да можат приходите да ги надминуваат расходите. Сакаме да привлечеме и меѓународни спонзори, не само локални. Ракометарките веќе се информирани. Последната плата што требаше да ја добијат во петокот, ќе им биде исплатена во најскоро време“, изјави Гитмарк.
Норвешките експерти сметаат дека тоа што клубот ќе биде спасен е позитивна работа, но не е професионално.
„Ова изгледа како лоша верзија на спортско реалити шоу, каде што учесниците се пред исклучување, но во последен момент им даваат имунитет и тие остануваат. Ова е убава вест за Кристијансанд и норвешкиот ракомет, но сето ова изгледа непрофесионално. Уверен сум дека ќе слушнеме повторно иста приказна за неколку месеци или за година. Се надевам на најдоброто, но не сум баш убеден дека ќе биде така“, вели Оле Еревик, некогашен репрезентативец на Норвешка, а сега стручен аналитичар на ТВ2.
Ќе биде формиран нов Управен Одбор, а дали Кристијансанд ќе функционира и ќе игра на највисоко ниво, односно во Лигата на шампионите и понатаму, останува да видиме.