Тимот на Динамо Букурешт успеа да се израдува на четврта победа во Лигата на шампионите, откако на свој терен го совлада Спортин Лисабон со 33:29 во натпревар од 6. коло од ЛШ.
Домаќините до победата дојде со одличната игра во второто полувреме, бидејќи гостите од Португалија беа подобриот ривал во првиот дел и на пауза имаа предност од плус два, 15:13.
Веќе при предност на Динамо Букурешт од 26:20 во 50 минута, јасно беше дека Спортинг Лисабон нема да има големи шанси за целосен камбек.
Во 6. коло прва победа во Лигата на шампионите оствари Фредериција, која на свој терен славеше над Висла Плоцк со 28:25.
Данскиот тим изненадувачки (позитивно) го отвори натпреварот и во воведниот дел имаше предност од 5:2. Полскиот шампион никако не можеше да заигра според посакуваното и до крајот на полувремето беше во негатива.
Фредериција имаше неколку расположени ракометари за игра и на пауза замина со минимална предност од 13:11. Голманот на Фредериција, Себастијан Франдсен, во првото полувреме имаше пет одбрани, додека на спротивната страна Виктор Халгримсон една повеќе, – шест.
Вториот дел не донесе промени во играта на Висла Плоцк, напротив, домаќините заиграа уште подобро и во 40 минута дојдоа до плус пет, 20:15. До крајот Висла Плоцк не успеа да се врати, па така домашниот тим дојде до два важни бода.
Ракометарите на Фредериција во следното, 7. коло од европската елита ќе играат против македонскиот шампион Еурофарм Пелистер. Висла Плоцк втората сезонска победа ќе ја бара во дуелот со Веспрем.