Она што го ветија охриѓани го потврдија на дело. Тврдината е одбранета! Охрид го совлада македонскиот шампион Еурофарм Пелистер со резултат 29-25(13-11) во рамки на 17. коло во домашното првенство и го зема првиот скалп меѓу фаворитите оваа сезона.
Четири дена по победата против Вардар во Битола, шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер одигра уште едно пеколно дерби на исклучително незгодниот терен, кај амбициозниот Охрид. Спортската сала „Билјанини извори“ беше претесна да ги собере сите навивачи кои сакаа да ги гледаат своите ракометари, па во одлична атмосфера со поддршка од верните „Рибари“ и „Чкембари“ започна уште еден дуел во македонската суперлига, кој ќе прерасне во големо ривалство на две одлични екипи.

Првите триесет минути изминаа во израмнета борба, ниту еден од ривалите не успеа рано да создаде висока предност. По неискористените напади на двете страни, првиот гол на натпреварот го постигна „охриѓанецот“ Саврески, следуваше одговор од „зелено-белите“, а играта гол за гол продолжи до средината на првото полувреме. Расположениот Манасков и голманот Хејдарирад беа факторот за превземање на водството во 11. минута, по што следуваше нов бран на домашниот состав и први „плус два“ на овој дуел (8-6 Иванковиќ 19 минута).
Минутата одмор за тренерот Ројевиќ заврши во полза на Еурофарм Пелистер, кои го израмнија резултатот и внесоа неизвесност на овој дуел. Иако успеаа да израмнат, не можеа да ја вратат почетната предност.
Охрид ја одржуваше минималната разлика до самиот финиш на првото полувреме, а последните две минути по низа гостински грешки успеа да создаде и највисока предност на дуелот од три голови (13-10). Хосни го постигна последниот гол пред звукот на сирената и ги постави конечните 13-11, резултат со кој двете екипи заминаа на пауза.

Ако последниот тајм аут не им „легна“ на ракометарите на Охрид, паузата по крајот на првиот дел имаше голем удел во она што се случуваше на теренот во продолжение.
Високо мотивирани, агресивни и точни во одбраната, Охриѓани ги принудуваа гостите од Битола на изнудени шутеви од надворешните бековски позиции, кои завршуваа во Пилиповиќ или рамките на голот. Затоа по пет минути игра домаќините имаа четири голови предност, разлика која за прв пат ја донесе македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски (16-12, 34 минута), а потоа порасна и до највисоки осум голови (27-19 52 минута).

Во воведот на вториот дел Охрид имаше иницијатива и напад за пет голови, но исклучувањето на Моралес и техничка грешка во нападот на домашните, за момент не дозволија македонскиот шампион комплетно да го положи оружјето. Следуваше динамичен период во кои Пилиповиќ бранеше зицери, Петриќ погоди невозозможен шут, а разликата порасна на пет голови (19-14), но Охрид тука не застана. Нов проблем во организација на нападот на шампионот, кој на крајот под притсок на пасивност Хосни го реализираше крај голот, а Јагуриновски на спротивната страна го постигна својот трет гол и ја задржа 100% реализација за 22-16 на средина на вториот дел.
Ниту минутата одмор не им овозможи на битолчани да се соземат од шокот кој им го приредија „гладијаторите“. „Зелено-белиот“ напад стануваше понетрпелив, а Пилиповиќ посигурен на голот, тоа беше причината за распад на играта на македонскиот шампион.
Разликата постојано растеше на воодушевувавање на домашната публика. Македонскиот првак во трка со времето, ја губеше контролата во нападот и дозволи од лесни голови во брза транзиција Охрид да ја прослави победата со сигурни 29-25.

Петриќ со 7 и Ојлески со 4 голови го предводеа нападот на домашниот тим, кај гостите Дејан Манасков имаше 8/8.
По 17. одиграни кола во македонскиот шампионат, Еурофарм Пелистер има 28 бодови, четири помалку од лидерот Вардар. Охрид сега е на делба на третата позиција со 27 бодови, со свои шанси во трката за владетел на македонскиот ракомет.

























