„Специјален подарок“ за Гисласон пред финалето на ЕП – златно копче за тајм-аут!

Пласманот во финалето на Европското првенство носи и одредена доза на опуштање, па дури и грешките од минатото можат да се претворат во добра шега. Токму тоа му се случи на селекторот на германската репрезентација Алфред Гисласон по победата на Германија против Хрватска (31:28) во полуфиналето.

Во студиото на германската телевизија АРД, Гисласон беше гостин во емисија каде што го пречека ракометниот експерт Доминик Клајн и му врачи подарок кој предизвика смеа.

Гисласон доби црвено копче за тајм-аут, поставено на мала златна кутија. Алудирањето беше јасно, стануваше збор за неговата голема грешка на почетокот од првенството, која тогаш предизвика бројни критики во германската јавност.

„Алфред, знаеш што се случи. Сега сè е насочено само кон златото. Повели, можеш да вежбаш“, му порача низ смеа Клајн.

За време на натпреварот од групната фаза против Србија, Германија беше во сериозни проблеми. Три минути пред крајот Јури Кнор постигна гол за израмнување, но само дел од секундата претходно Гисласон побара минута одмор. Поради тоа, погодокот беше поништен, а Германија на крајот го загуби натпреварот.

Таa одлука предизвика силни реакции во германските медиуми. Поранешниот репрезентативец Михаел Краус оцени дека Гисласон тогаш ја водел репрезентацијата „навистина лошо“, додека голманот Андреас Волф потегот го нарече „невнимателен“. И самиот Гисласон подоцна призна дека погрешил.

Но сето тоа сега падна во втор план. Пласманот во финалето целосно го промени расположението.

„Фантастично. Ова е еден од најдобрите трофеи што сум ги добил“, изјави Гисласон, кој фотографија од подарокот објави и на социјалните мрежи.

Исландскиот стратег се пошегува уште еднаш на своја сметка.

„Ќе побарам на следниот натпревар да имам четири тајм-аути“, се пошегува германскиот селектор во пресрет на финалето.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Alfred Gíslason (@alligisla)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 24 Rakomet (@24rakomet)