РЕПОРТАЖА ОД СП ВО СКОПЈЕ: Гратис влез со „Добар ден“, 10 евра за „Hello“

Деновиве главниот град на Македонија, Скопје е претстолнина на женскиот ракомет, од 19 до 30 јуни се игра Светско женско првенство за ракометарки до 20 години. Идните светски ѕвезди, можете да ги видите во живо од трибините на спортските сали „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“, но при тоа мора темелно да се подготвите и истражите за да не ја пропуштите вашата омилена репрезентација. А за тоа ќе ви бидат потребни вештини од истражувачко новинарство.

Традиционално за младинските ракометни првенства организаторот обезбедува веб сајт на кој треба да се објават сите информации поврзани со турнирот, тоа се оние веб адреси со кратенки од по една буква и бројки кои на прв поглед делуваат нелогично, а завршуваат со .com. Овојпат немаше официјална промоција или линк до сајтот со кој ќе се запознае пошироката публика, а ако сакате да дојдете до некаков распоред на натпревари полесно ќе се снајдете на сајтовите за спортско обложување отколку на сајтот на ИХФ или организаторот.

Кога веќе ќе се одлучите да заминете кон сала па макар и да погледнете некој натпревар „на тепка“ ќе ве пречека штама пред спортските комплекси.

Македонија ги одигра првите натпревари во „Борис Трајковски“, но однадвор објектот нема никаква најава, ниту еден плакат, банер, знаме или лепенка дека се одржува некој настан, а камоли Светско првенство.

Единствениот траг за спортски настан е чичкото кој продава навивачки реквизити пред салата и жената која нуди пуканки. Кога ќе се приближите ќе ве пречека љубезен член на обезбедувањето, а прво нешто на кое ќе налетате во ходникот на „Борис“ е банерот за шампион во македонската Суперлига за 2023/2024.

На платото пред влезот во објектот повторно е отворена импровизирана билетара (некогашната главна билетара) каде се продаваат билети за странци, по 600 денари како што пишува на билетите или поедноставно 10 евра како што ми кажа момчето кое беше задолжено за продажба зад шалтерот. За Македонци влезот е бесплатен.


Најголема гужва пред билетарата има кога играат скандинавските земји, Норвешка, Шведска, Данска и Исланд кои имаат најмногубројни навивачи во Скопје.

Иако влезот за македонските навивачи е бесплатен, скоро и да ги нема, декорот и атмосферата во „Борис Трајковски“ ја прават странците. Во нашата најголема сала условите за игра се на високо ниво, освен публика не недостига ништо.

Не пречи ниту декорот од Европското одбојкарско првенство 2023 со кој сè уште е обоена арената. Додека се исполнети сите предуслови за игра, маркетиншкиот дебакл ќе замине во втор план, а понатаму токму таму треба да се бара виновникот за празните трибини. После толку организирани настани, собрано искуство и научени лекции организаторот повторно падна на најважна: Ракометот се игра за публика!

А сите вие кои го читате овој текст и посакавте да дадете поддршка на македонскиот ракомет или да погледнете дел од светскиот, сè уште имате време. Отворете си флешскор, одберете си фаворити и правец во сала, ама внимавајте опиени од „гостинската“ атмосфера во Скопје да не му кажете „Хелоу“ на господинот на врата, може да ве чини 10 евра…

Македонија игра во „Борис Трајковски“!