Во балканското дерби меѓу репрезентациите на Хрватска и Црна Гора, на победа се радуваа „коцкестите“, откако триумфираа со 26:25 (13:13).
Хрватска во речиси најголемиот дел од натпреварот беше во резултатска предност и заслужено ги освои посакуваните бодови, со кои се вклучи во трката за четвртфинале.
Ракометарките на Ивица Обрван во главната фаза пренесоа еден бод и со денешната победа имаат три бода на свое конто.
Најефикасна во репрезентацијата на Хрватска беше Валентина Блажевиќ со пет погодоци, еден помалку постигна Дејана Милосављевиќ.
Кај Црна Гора прв стрелец беше екс ракометарката на Вардар, Итана Грбиќ. Членката на Крим во мрежата на Хрватска имаше пет реализации, но го промаши последниот шут за реми.
Репрезентацијата на Хрватска во следното коло ќе игра против Камерун, додека во последното коло од главната фаза ја очекува дуел со Унгарија.
Црна Гора за последни два ривали во главната фаза ги има репрезентациите на Сенегал и Шведска и за очекување е дека црногорската репрезентација ќе го добие дуелот со Сенегал и на свое конто би имала уште два нови бода, односно шест.
Полска ја доби драмата со Србија, триумфираше со 22:21 (10:13) во натпревар со две различни полувремиња.
Србинките беа подобри во првиот дел, додека Полска се врати во второто полувреме и повеќе ја посакуваше победата.
Најефикасна кај Полска беше Каролина Сала со шест погодоци, додека кај Србија се истакна Марија Лаништанин со пет реализации.
Сега Полска со двата бода се вклучи во трка за едно од првите две места во третата група. Србија останува без бодови во главната фаза и ќе мора на последните два натпревари од групната фаза да освои најмалку два бода доколку посакува солиден пласман на Мундијалот.