Солзи и емоции: Миленикот на „Чкембари“ се збогува со репрезентацијата!

Капитенот на репрезентацијата на Црна Гора, Мирко Радовиќ, донесе одлука да ја заврши кариерата во националниот дрес. Десното крило од Цетиње по 15 години реши да каже доста и да се повлече од репрезентативниот ракомет.

Радовиќ со децении беше симбол на „лавовите“, лидер на теренот и надвор од него, учесник во најголемите битки и дел од историските успеси на црногорскиот ракомет. Капитенот на Ловќен и некогашен играч на Еурофарм Пелистер кој им беше миленик на „Чкембари“, одлуката ја донел уште пред Европското првенство, но ја чувал во тајност до самиот крај.

„Одлуката ја донесов пред првенството, но ја задржав за себе. Момците знаеја, но не сакавме да излезе во јавност. Ова, всушност, беше мојот последен натпревар за репрезентацијата. Горд сум на кариерата и на сè што ми донесе овој дрес. Му дадов сè што можев. За колку било тоа доволно, ќе покаже времето“, изјави емотивниот Радовиќ по дуелот со Швајцарија на ЕП за „Лоб Спорт“.

Мирко Радовиќ дебитираше за Црна Гора во јануари 2011 година, а во текот на богатата кариера настапи на осум големи натпреварувања – седум Европски првенства и Светското првенство 2023.

„Чест ми беше. Како дете не ни сонував дека ќе играм толку години за националниот тим. Во црногорскиот дрес сум од 15 години, повеќе од половина живот. Тешко ми паѓа проштавањето, но си заминувам во момент кога има млади момци што можат да ме наследат. Секогаш давав срце и душа за Црна Гора“, истакна Радовиќ со солзи во очите.

Тој порача дека репрезентацијата ја остава во сигурни раце и дека од денес ќе биде најголемиот навивач на „лавовите“.