Солзи и аплаузи – последен танц за Полман и Абинг, златен крај за Лунде!

Ротердам беше центарот на силни емоции по завршувањето на Светското првенство за 2025, кое ќе остане запаметено како турнир на збогувања за три големи имиња во светскиот ракомет -Катрине Лунде, Еставана Полман и Луис Абинг.

Најголемото внимание, сосема заслужено, го привлече норвешката голманка Катрине Лунде. На 45-годишна возраст, таа ја освои својата трета светска титула и беше прогласена за најдобра голманка на првенството, со што уште еднаш ја потврди својата легендарна репутација. Со седум европски титули и три олимписки злата, Лунде останува една од најуспешните ракометарки во историјата на спортот.

Иако се збогува со националниот дрес, Лунде продолжува со клупската кариера и останува важна фигура во ракометот, како пример и инспирација за младите генерации.

Светското првенство беше и последен танц за холандските ѕвезди Лоис Абинг и Еставана Полман. Двете ги одиграа своите последни натпревари пред домашната публика во Ротердам, а иако без медал, нивното наследство во холандскиот ракомет е огромно.

Абинг ќе остане запаметена по победничкиот гол за светската титула во 2019 година, додека Полман беше клучна фигура во златната генерација на Холандија. Со бројни медали од светски и европски првенства, двете оставија неизбришлива трага во историјата на националниот тим.

Светското првенство 2025 не беше само борба за медали, туку и достојно збогување со три ракометни икони, чии имиња засекогаш ќе останат запишани меѓу најголемите во овој спорт.