По европската елиминација, Тиквеш им се врати на домашните обврски во Супер лигата и оствари лесна победа над составот на Аеродром со 43-31.
Столбот на одбраната, Борче Соколов, вели дека овој триумф е старт на нова победничка серија на Тиквеш, кој имаше набиена агенда изминатиот период.
„Се вративме од Австрија во понеделникот, имавме неколку ситни повреди и краток одмор, ги залечивме повредите, а оваа лесна победа против Аеродром не ‘враќа во живот’ и сега можеме да се надеваме на нова победничка серија. Шанса добија сите играчи, играа и оние со помала минутажа“, вели Соколов.
Искусниот Соколов посакува успесите на Тиквеш да бидат причина повеќе млади да се занимаваат со ракомет во градот на виното и песната.
„Па не би рекол дека имаме многу млади ракометари, но би го спомнал Мики Лазов кој е голем талент, а се надевам дека нашите успеси ќе бидат мотивација за други млади да почнат да тренираат ракомет. Треба многу работа и работа, за Кавадарци во иднина да има свои деца на кои ќе се потпре клубот“, продолжи Соколов.
Тој смета дека Тиквеш има подобар ростер од ланската сезона и очекува најмалку четврто место, а смета дека може да се нападне и третото место.
„Во најмала рака очекувам да го повториме ланскиот успех. Сметам дека сме подобри од ланскиот состав, играме многу подобро и очекувам најмалку да бидеме четврти на крајот на сезоната. Сепак мислам дека може да го нападнеме и третото место. Од нашата група очекувам покрај нас, во плеј-оф да одат Алкалоид, Охрид и Струга, додека од другата група покрај Вардар и Еурофарм Пелистер, мислам дека во плеј-оф ќе се пласираат Бутел Скопје и Пролет“, вели Соколов.
Во Кавадарци има одлична атмосфера кога ракометот е во прашање, и Соколов вели со малку повеќе среќа следната сезона може да се мине барем една пречка. Тој се потсети и на играњето со некогашниот ВВ Тиквеш во Европа.
„Со овој европски двомеч мислам дека Европа слушна за нашиот клуб, за атмосферата што ја приредуваат нашите навивачи во ‘Јасмин’ и се надевам дека следната сезона ќе играме пак Европа и ќе имаме малку повеќе среќа па да минеме уште едно коло. Јас играв и со ВВ Тиквеш пред 13 години во Европа против Азоти Пулави, но тоа беше многу одамна. Тогаш исто така немавме среќа и бевме елиминирани, но сега овие играчи што го носат дресот на Тиквеш ги даваат срцето и душата на теренот, навивачите ‘Лозари’ ни се играч плус“, продолжи Соколов.
Дефанзивецот вели дека кога ‘Лозари’ се вратиле на трибините по долго време се чувствува прекрасно на теренот.
„Во Кавадарци се вратив пред три сезони, тогаш атмосферата беше 200-300 гледачи, симпатизери, театарска атмосфера, но откако се вратија ‘Лозари’ има поинаква атмосфера, ни даваат мотивација и не креваат кога не ни оди. Прекрасно е чувството да се игра пред нив“, заврши Соколов.