Службен триумф за Ѓорче Петров – „лавиците“ се последните учеснички на Ф4 во Купот

|
12:27

Екипата на Ѓорче Петров е последниот патник на завршницата во женскиот Куп, откако службено ќе го добие натпреварот против Гевгелија што требаше да се игра денеска.

Поради скандалот на натпреварот меѓу Скопје и Гевгелија, скандал за кој пишуваа и регионалните медиуми, тимот од најјужниот македонски град кој требаше да игра финале во групата В, доби суспензија од страна на РФМ.

Како што е познато, Дисциплинската комисија на македонската куќа на ракометот ги исфрли двете екипи од системот на натпреварување.

Освен Ѓорче Петров, на завршницата во Купот ќе учествуваат уште Чаир, Вардар и Металург Автокоманда.

Во минатата сезона Ѓорче Петров со победата над Чаир од 36:24 успеа да го освои Куп трофејот.

Куп на Македонија, жени, групна фаза:

група А
Спартак – Шампион 29-19
Металург Автокоманда – Стружанка 39-17
Спартак – Металург Автокоманда 18-36

група Б
Астибо – Куманово 16-29
Чаир – Ѓорче Петров 2 39-24
Чаир – Куманово 28-27

група В
Скопје – Гевгелија 16-17
Ѓорче Петров – Деспина 44-10
Ѓорче Петров – Гевгелија 10-0 сл.

група Г
Вардар слоб.
Пелистер – Овче Поле СУ 33-13
Вардар – Пелистер 34-21

Две години суспензии за Радуловиќ, Треноска и Беќарова, казна и за делегатот на скандалозниот натпревар!

Автор: Душко Андов
| 13 ноември 2024
12:00

Одлуките на Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија по скандалозниот натпревар меѓу Скопје и Гевгелија од Купот на Македонија, денеска беа потврдени во билтенот на РФМ.

Како што прв објави 24Ракомет, Скопје и Гевгелија се исклучени од Женската лига до крајот на сезоната, како сениорските, така и сите нивни младински екипи.

Одговорните лица на двата клуба – Валентина Радуловиќ, Веселинка Треноска и Јулија Беќарова се казнети со двегодишни суспензии.

Делегатот на овој натпревар, Митко Ѓорѓиевски, исто така доби казна од шест месеци, поради пропусти при составувањето на записникот.

🎥 СКАНДАЛ во македонскиот Куп – си даваа автоголови, за да не победат!

🎥 Министерот Ристовски потврди – ќе им се одземат лиценците на Скопје и Гевгелија!

📸 Македонскиот ракомет стана сеир на Балканот!

24Ракомет дознава: РФМ ги исфрли Скопје и Гевгелија од лигата!

Вардар убедливо против Пелистер – се пласираше на Ф4 во Купот!

Автор: Влатко Мирчески
| 12 ноември 2024
18:33

Ракометарките на Вардар обезбедија пласман на Ф4 во Купот на Македонија, откако во финалето од групата В славеа над Пелистер со 34:21.

Избраничките на Платон до убедливиот триумф дојдоа со подобрата игра во второто полувреме, на пауза имаа минимална предност од плус три, 11:8.

Леона Миленковска и Сара Богојеска беа најефикасни во редовите на „црвено-црните“, натпреварот го завршија со по седум гола.

Во таборот на Пелистер десното крило Моника Босилковска ги предводеше стрелците со осум гола, два помалку имаше Наталија Дишковска.

Вардар пред две сезони играше финале во Купот, во неизвесен натпревар загуби од Куманово, додека во минатата сезона беше елиминиран во полуфиналето од Чаир.

По седум години го менува клубот – Босанецот Хоџиќ од лето во Ним

Автор: Влатко Мирчески
| 13 ноември 2024
17:59

Репрезентативецот на БиХ, Харун Хоџиќ, кој од 2018 година настапува во францускиот шампионат, поточно во Шамбери, одлучи да ја промени средината.

Младиот голман ќе остане во Франција, но од наредната сезона ќе брани во тимот на Ним. Станува збор за клуб кој што во оваа сезона е меѓу петте најбогати клубови во Франција, има буџет од околу шест милиони евра.

Хоџиќ со раководството на Ним се договори на соработка со важност до три сезони, односно до јуни, 2028 година, па така босанскиот интернационалец поголемиот дел од кариерата ќе го помине во Франција.

Босанскиот голман во Шамбери пристигна во текот на 2018 година и само на 19 години дебитираше за познатиот француски клуб.

Минатата сезона, 24-годишниот голман беше меѓу најдобрите голмани во најквалитетното француско натпреварување.

Познат составот на ривалот на Македонија – Унгарките со Шатцл, Биро, Лукач…на домашното ЕП

Автор: Душко Андов
| 13 ноември 2024
14:40

Селекторот на женската репрезентација на Унгарија, Владимир Головин, го објави списокот на ракометарки за Европското првенство што ќе стартува на 28 ноември.

Головин ќе смета на 19 ракометарки, а тука се искусните голманки Бланка Биро и Кинга Јанурик, крилата Надин Шатцл, Доротеја Фалувеги и Викторија Лукач, како и младите бекови Петра Симон, Грета Качор, Катрин Клујбер…

Избраничките на Головин ќе имаат две контролни средби пред настапот на ЕП, против Словачка на 22 ноември и против Украина на 24 ноември.

Унгарија е во групата А што ќе се игра во Дебрецин, заедно со Македонија, Шведска и Турција, а средбата меѓу домаќинот на ЕП и нашите ракометарки е на 2 декември од 18:00 часот.

Екс вардарката Херем нема да се пензионира, ќе игра најмалку уште две сезони

Автор: Влатко Мирчески
| 13 ноември 2024
19:15

Поранешната ракометарка на Вардар, Камила Херем, ќе игра најмалку до 40 години, бидејќи го продолжи договорот со нејзиниот актуелен клуб Сола.

Искусната репрезентативка на Норвешка и раководството на Сола се договорија на нова соработка со важност од две години, а тоа значи дека левото крило нема намера да се пензионира,

Херем, која во редовите на „црвено-црните“ играше во сезона 2016/17, по заминувањето од Македонија се врати во својата татковина и потпиша за Сола, клуб кој е редовен учесник во европските натпреварувања.

Тренер на Сола е нејзиниот сопруг Стефан Стегавик, поранешен ракометар кој при престојот на Херем во Скопје, тој тренираше во Пролет, но на крај не успеа да заигра на македонско тло.

На претстојното Европско првенство 2024 меѓу главните адути на Норвешка ќе биде токму Херем. Таа заедно со Катрин Лунде (45 години) се најискусни во скандинавската репрезентација.