Словенија на пенали ја елиминира Швајцарија, Холандија ја „прегази“ Грција

Репрезентацијата на Словенија обезбеди пласман на Светското првенство 2025, откако на реванш дуелот против Швајцарија славеше со 38:34 по ударите од седум метри во драматичниот натпревар.

Регуларниот дел заврши со 34:33 во корист за словенечката репрезентација, но бидејќи Швајцарија го доби првиот натпревар со 27:26, патникот на Мундијалот се бараше преку пенали.

Избраниците на Енди Шмид кога најмногу требаше потфрлија , а голем удел во победата на Словенија имаше голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак, како и членот на ПИК Сегед, Деан Бомбач, кој беше незадржлив со 11 погодоци.

Холандија успеа да ја надомести негативата од четири гола од првиот дуел со Грција и на реваншот славеше убедливо со 31:25 (16:10) оставајќи го нашиот јужен сосед без пласман на Мундијалот.

Австрија не дозволи  да има никакво изненадување, го доби и вториот дуел со Грузија, овојпат избраниците на Алеш Пајовиќ победија поубедливо со 37:31 (21:17).

Грузија на првиот натпревар даде силен отпор, се бореше до самиот крај, но на крајот загуби со два гола разлика, 27:25.