Односите меѓу Ракометната федерација на Словенија и Хрватската ракометна федерација очигледно се во застој по Светското првенство во јануари. Иако нема официјално соопштение, ХРС во последните месеци откажала заеднички активности и пријателски натпревари со Словенија – без објаснување.
Словенечката страна смета дека не станува збор за конфликт, туку за „сплет на околности“, барем според изјавите за словенечка „Екипа“. Сепак, неофицијалните информации од спортските кругови укажуваат на наводна хрватска замерка од 26 јануари – кога Словенија, иако без шанси за четвртфинале, жестоко се бореше против Хрватска и не им ја „поклони“ победата што нив им беше неопходна.
За Словенија, по поразите од Исланд и Египет, натпреварот беше без резултатско значење. За Хрватска, пак, победата значеше пласман во четвртфиналето на домашен терен. Многумина очекуваа Словенците да им ја олеснат задачата – но екипата на Урош Зорман имаше други планови. Поведе со 5:0 и им даде до знаење дека нема да се предаде без борба.
На трибините се чувствуваше нервоза – и на полувремето кога резултатот беше 15:15, но и на ВИП трибината. Според очевидци, дури и „алфата и омегата“ на хрватскиот ракомет, Зоран Гобац, бил видно вознемирен, а неофицијално дури и им упатил жестоки зборови на словенечките претставници, меѓу кои бил и претседателот Бор Розман.
Хрватите на крајот сепак победија со 29:26, се пласираа во четвртфинале, па преку Унгарија во полуфинале и со победа над Франција во финале, каде што загубија од Данска. Но – останала замерката: зошто Словенците не им ја „препуштиле“ победата?
Се шпекулира дека токму таа борбеност ги налутила хрватските челници, и од таму настанала тивката дипломатска дистанца.