Во првите три натпревари од 4.ден на ЕХФ ЕУРО 2024 фаворитите беа сигурни и извојуваа победи. Словенија по тешкиот триумф над Фарските Острови во првото коло, имаше далеку полесна задача против Полска совладувајќи со 32:25, иако на моменти имаа и двоцифрена предност. Босна и Херцеговина по солидниот прв натпревар против Шведска во првото коло, доживеа вистинска катастрофа против Холандија, која славеше со 36:20, а Португалија рутински славеше над Чешка со 30:27.
По завршувањето на овие натпревари Словенија, Холандија и Португалија го визираа билетот за следната фаза, додека пак Босна, Чешка и Полска ќе го завршат својот настап на ЕХФ ЕУРО 2024.
Словенија-Полска 32:25 (19:14)
По тешкиот натпревар со Фарски Острови, словенците влегоа мотивирано денеска да покажат дека не се дојдени со бело знаме на ЕП. Освен почетните десетина минути во кои Полска имаше минимално водство останатиот дел од натпреварот комллетно им припадна на Словенците. Полска немаше одбрана за расположените Маргуч и Кодрин кои беа креатори на добрата игра со која Словенија стигна до високи +6 во првиот дел. Ракометарите на Зорман и во вториот дел продолжија да го полнат голот на Полска, стигнувајќи до двоцифрена предност 30:20 на десетина минути до крајот. Крајниот резултат гласеше 32:25, триумф со кој Словенија се пласираше во следната фаза.
Маргуч ја предводеше листата на стрелци со шест гола, а кај Полска, Олејничак постигна пет.
Холандија-Босна и Херцеговина 36:20 (17:7)
Босна и Херцеговина доживеа вистински дебакл во дуелот со Холандија по кој се прости од настапот на ЕП. Само четири погодоци постигнаа ракометарите на БиХ за 25 минути игра, учинок со кој не би биле компетитивни и против многу послаба репрезентација од Холандија. Босна имаше предност само по првиот напад, по што „лалињата“ ја превземаа иницијативата и го полнеа голот на противникот до самиот крај. Конечниот резултат гласеше 36:20, со кој Холандија се чекираше во следната фаза.
Тен Велде постигна девет гола кај Холандија, а Паниќ, Хаџиќ и Херцег постигнаа по осум во репрезентацијата на БиХ.
Португалија-Чешка 30:27 (13:7)
Репрезентацијата на Португалија рутински славеше над Чешка, иако можеби конечниот резултат не го покажува тоа. Португалците уште во првиот дел полувреме обезбедија висока предност од седум голови позитива која без поголеми проблеми ја одржуваа до крајот.Нерешлива енигма за Чесите беше противничкиот ракометар Мартим Коста кој постигна дури 11 погодоци. Со овој триумф Португалија се пласираше во следната фаза.