Словенецот Бобинац во мисија: Промени во ИХФ и крај на 24-годишната ера на Мустафа!

Словенецот има поддршка и од сонародникот Александар Чеферин за да го предизвика Хасан Мустафа за претседател на ИХФ

Претседателот на Олимпискиот комитет на Словенија, Фрањо Бобинац, ги изненади учесниците на конгресот на Европската ракометна федерација во Андау, Австрија, со објавата дека се повлекува од Извршниот комитет на ЕХФ, бидејќи во декември ќе се кандидира за највисоката функција во светскиот ракомет.

Тој ќе го предизвика долгогодишниот претседател на Меѓународната ракометна федерација, Хасан Мустафа. Во својата кандидатура има поддршка и од највлијателниот словенечки спортски функционер – претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.

Мустафа, 81-годишниот Египќанец, е на чело на ИХФ уште од 2001 година. Нему му се замерува конзервативното водство и одбивањето на промени. И покрај здравствените проблеми, тој цврсто се држи до функцијата, а поради неговата тврдоглавост и недемократско владеење, доби прекар „фараон“.

Конгресот на ИХФ ќе се одржи на 21 декември во Каиро, а Бобинац очекува поддршка од ЕХФ, која ја води Михаел Видерер, од европските држави и од сите кои сакаат промени.

Неговата програма се заснова на шест точки:

*промени во ракометните правила за поголема јасност и транспарентност,
*ограничување на мандатот на претседателот на ИХФ,
*привлекување глобални партнери,
*подобро меѓуконтинентално соработување,
*прераспределба на приходите на ИХФ кон националните федерации,
*зацврстување на олимпискиот статус на ракометот.

Бобинац 14 години ја водеше Ракометната федерација на Словенија. „Во споредба со другите спортови, ракометот остана во камено доба,“ изјави тој, додавајќи дека неговата кандидатура ја поддржува и почесниот член на федерацијата Зоран Јанковиќ, кој во 2004 неуспешно се кандидираше за претседател на ЕХФ.